По дуелот во Прилеп меѓу Победа и Силекс кој разви огромна „полемика“ по досудениот сомнителен пенал во корист на прилепчани, со официјално соопштение се огласија и од ФК Силекс во кое обвинуваат дека резултатот е скроен по тенденциозното судење на Мечкаровски и помошникот Гоце Петрески, а со вмешаност и на други структури и „моќници“ во ФФМ.
Од Силекс, своите аргументи ги поткрепуваат и со видео материјали од натпреварот испратени до нашата редакција. Соопштението од ФК Силекс ви го пренесуваме во целост:
Натпреварот од 29. Коло во Првата МФЛ помеѓу Победа и ФК Силекс кој заврши со минимална победа на домашниот тим од 1-0 предизвика голем револт и разочарување во нашиот клуб ФК Силекс од Кратово.
По прегледувањето на снимките од натпреварот уште повеќе сме убедени дека резултатот е „скроен“ по тенденциозното судење на главниот судија Димитар Мечкаровски и неговиот асистент Гоце Петрески но и со вмешаност на други структури и „моќници“ во ФФМ за што говорат следните факти:
1. Во првото полувреме по стартот врз нашиот играч Недељковиќ главниот судија Мечкаровски иако беше во непосредна близина немаше храброст да досуди пенал за ФК Силекс. Дека постои контакт и старт убаво се гледа од забавената снимка што ја обезбедивме и ќе ја приложиме до органите на федерацијатa
2. Во 90. минута Мечкаровски досуди „измислен“ пенал кој на стадионот во Прилеп го виде само неговиот помошник Гоце Петрески и по чија интервенција ФК Победа доби подарок пенал кој подоцна го реализира за триумф од 1-0. Снимката безусловно потврдува дека нема игра со рака и дека играчот на ФК Силекс Ацевски се наоѓа надвор од казнениот простор кој воопшто и не беше прописно обележан.
Со приложените снимки потврдуваме дека ФК Силекс го загуби натпреварот во Прилеп само поради „нарачаното“ судење кои го извршија Мечкаровски и Петрески.
Дека се работи за смислено сценарио говори и фактот што како првично за одигрување на натпреварот беше одреден стадионот „Под Тумбе Кафе“ во Битола за што добивме и официјален допис од ФФМ кој го приложуваме.
За жал по нечија интервенција во 5 до 12 местото на одигрување се менува и средбата се одигра на игралиштето во Могила кое за ваков важен првенствен натпревар воопшто не е безбедно за што говори податокот дека одредени неслужбени лица по завршувањето на средбата лесно се најдоа на теренот, а и по обид на нашиот фудбалер Гуцев да изведе аут, од публиката беше удрен со шише.
Прашање до фудбалската јавност и до стручните служби на ФФМ:
Дали смее еден фудбалски натправар да започне без прописно обележан терен за игра?
Шеснаестниците, аут и корнер линиите воопшто не беа воочливи?
По наша сугестија, делегатот на натпреварот побара од судиската екипа да го увиди недостатокот и да реагира, но тоа не беше сторено?
Ние не знаеме зошто судиската екипа не издејствува кај домакинот пропоисно обележување на теренот, за тоа очекуваме одговор од стручните служби при ФФМ.
Посебно е сомнителен фактот што за вака важен меч беше делегиран Гоце Петрески, судија кој и покрај зрелата судиска возраст напредува со брзина на светлината како судија од задача што фрла посебна црна дамка врз неговата арбитража на средбата во Прилеп и посебно моментот во 90-тата минута кога само тој од сите присутни на стадионот виде игра со рака во нашиот шеснаесетник.
По сите овие случувања сметаме дека ова е перфидна режија на моќниците во мак-фудбалот со цел да се исфрли ФК Силекс од битката за Европа, место кое се обидува да го обезбеди на спортски начин и само на зелениот терен.
ФК СИЛЕКС Кратово
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА