Турција е на добар пат да има најмалку два претставници на фајналфор турнирот од Евролигата откако Анадолу Ефес славеше во вечерашниот дуел со Олимпијакос, поведувајќи со 2-1 во четвртфиналната серија против поранешниот европски шампион. Носени на крилата на последниот триумф во Атина, избраниците на Перасовиќ со одлична одбрана ги неутрализираа главните оружја на противникот, па и покрај сопствениот слаб шут сепак стигнаа до заслужена победа од 64-60. Гостите благодарение на Спанулис се вратија во натпреварот, но на крајот сепак на триумф се радуваа кошаркарите на ЕФес.
Олимпијакос беше подобар тим во првата и стартот од втората четвртина, но по предноста на гостите од 15-20 домашниот тим ја презеде контролата. На одмор се замина со резултат 33-27, а Ефес продолжи да доминира и во третиот период, во која домаќините стигнаа и до најубедливи „плус петнаесет“ (45-30, 47-32). Во последните десет минути се влезе со резултат 51-37, но гостите покажаа фантастичен карактер и успеаја да се вратат. Во главна улога беше Спанулис, кој постигна две тројки, па на 18 секунди до крајот резултатот гласеше минимални 61-60.
Ертел ги погоди двете слободни фрлања, по што Спанулис имаше тежок обид од речиси невозможна ситуација, грчкиот плејмејкер промаши, па Ханикат од линијата за слободни фрлања стави печат на победата со конечни 64-60. Данстон со 16 поени беше најефикасен кај Ефес, пред Ертел со 13, Спанулис беше прв стрелец кај Олимпијакос 15 поени, но разочара Принтезис со само осум поени.
Само за потсетување, Фенербахче веќе се пласираше на Ф4, а завршниот турнир во Истанбул би можел да има дури три домашни претставници доколку покрај Ефес пласман обезбеди и Дарушафака, која има 1-1 по првите два меча со Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА