Фленсбург утре во Скопје му гостува на Вардар во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. За германскиот тим ова е јубилеен 250-ти натпревар во европските ракометни купови и како што најавуваат во германските медиуми ќе настојуваат јубилејот да го прослават со нов пласман на Ф4 турнирот во Келн, иако Вардар ја има и резултатската и предноста на домашниот терен во претстојниот меч. На првиот натпревар, Фленсбург пред својата публика во „Фленс Арена“ беше поразен од Вардар со 24-26, но во германскииот тим се оптимисти дека во Скопје ќе одиграат во многу подобро издание.
„Се соочуваме со голем предизвик. Во Скопје сакаме да бидеме многу подобри од она што го одигравме во саботата на домашен терен“ – вели капитенот на Фленсбург, Тобијас Карлсон.
Во изминативе неколку дена пред реваншот во Скопје, во Фленсбург главно биле концентрирани на видео-анализите од претходниот дуел со Вардар, а како што открива тренерот Љубомир Врањеш детално биле простудирани првите 45 минути од натпреварот во кој македонскиот шампион доминираше на теренот. Акцентот во подготовките на германскиот тим за реваншот е ставен на голамните и на константноста во играта.
„На голманите им треба чувството на сигурност дека одбраната е пред нив и прави се за нив. Не сакам осцилации во играта. Вардар во првото полувреме покажа поголема стабилност од нас“ – потенцира тренерот на Фленсбург.
Легендарниот Врањеш упати и многу комплименти за играта на Лука Циндриќ на плејмејкерската позција во Вардар.
„Тој не направи ниеден погрешен потег во сите 60 минути, што е фантастично“ – го пофали Врањеш хрватскиот репрезентативец во составот на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА