Работнички повторно како и лани го зеде скалпот на шампионот МЗТ Скопје, совладувајќи го вечниот ривал со резултат 78-70 во големото дерби од осмото коло во кошаркарската Супер-лига. „Металците“ допатуваа во „Градски парк“ со перфектни 7-0 во претходните седум кола, но шампионот немаше одговор за одличната одбрана на тимот на Марин Докузовски, кој апсолутно заслужено се радуваше на нова победа.
Домашниот тим од самиот почеток го диктираше резултатот, па по почетните поени на Лалиќ следеше серија на Работнички од седум поени. МЗТ за момент поведе со 10-12, но следеше одговор на „црвено-белите“, кои ја завршија првата четвртина со 22-18. Работнички одигра одлично во одбраната на почетокот од вториот период, дозволувајќи му на актуелниот првак да постигне само два поени во првите пет минути од четвртината. Маслинко на спротивната страна погоди тројка и ја најави серијата на домашниот тим, по што избраниците на Марин Докузовски во 15. минута со тројката на Тасовски за првпат стигнаа и до двоцифрена предност (32-22).
На одмор се замина со позитива на тимот од „Градски парк“ од 41-28, разлика што домашните кошаркари умешно ја одржуваа во третата четвртина. Во последните десет минути се влезе со резултат 63-55, а по поените на Клоф МЗТ дојде само на „минус шест“. Сепак, Работнички се разбуди, во вистински момент погоди Илиевски, потоа две тројки нанижа и Николиќ, па предноста експресно стана двоцифрена. „Сино-белите“ на три и пол минути до крајот намалија на 74-65, по што следеше тајмаут на Марин Докузовски за да се запре налетот на противникот. Илиевски веќе во првиот следен напад лесно ја проби одбраната на шампионот и несебично го проигра Чековски под кошот, но МЗТ одговори со тројка на Клоф. Сепак, домашните кошаркари искусно ја сочуваа предноста до крајот на овој дерби дуел, за задржување на максималниот ефект на домашните натпревари во Супер-лигата.
Чековски со 19 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, пред Тасовски со 17 и Владо Илиевски со 15 поени и 9 асистенции. Кај МЗТ Скопје најдобри поединци пред денешниот пораз беа Клоф со 20 поени и Лалиќ со дабл-дабл од 11 поени и 10 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА