Вардар е чекор поблиску до Ф4 во Кеелн по големата победа против Фленсбург на гостински терен со 24-26 во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион имаше и највисоки седум гола предност, но Фленсбург успеа да ја стопи преднсот во вториот дел. Сепак, оваа гостинска победа и со крајните два гола, му носат огромна предност на Вардар пред реваншот во Скопје во кој „црвено-црните“ имаат огромна шанса во четвртото четвртфинале во серија конечно да стигнат до пласман на Ф4 турнирот во Келн.
Вардарци сигурно го отворија натпреварот и уште од стартот воспоставија контрола на играта и на резултатот. Арпад Штербик и добро поставената одбрана на Вардар која лесно се транформираше од 6-0 во 5-1 со Жоан Кањељас напред, го парализираа нападот на Фленсбург кој во текот на целото прво полувреме беше ставен во позиција да брка резултат.
Десната страна во нападот на „црвено-црните“ ја отвори ефикасната серија на стартот од натпреварот во „Фленс Арена“. Алекс Душебаев и Иван Чупиќ ги постигнаа првите три гола и му донесоа водство на Вардар од 1-3 по првите седум минути игра. Офанзивата и раното водство на Вардар го натерааа Љубомир Врањеш да го искористи првиот тајмаут уште во првите десет мнинути од дуелот. Но, вардарци успеаја да го задржат ритамот и со дисциплинирана игра и пред се со сигурноста што им ја носеше Арпад Штербик на голот, ја одржуваа играта на високо ниво и ја зголемуваа предноста. Серијата од 3-0 и двата гола во серија на Лука Циндриќ го однесоа Вардар на +5 (5-10) во 19.минута од натпреварот. А, на седум минути пред крај на првиот дел прв пат додјоа и до највисока предност од шест гола и тоа во моментите кога беше со играч помалку на терен по исклучувањето што го заработе Илија Абутовиќ. Одлично во одбраната одигра Тимур Дибиров, украде топка и од контра му донесе водство на Вардар од 6-12.
Фленсбург не успеваше да најде одговор за играта на „црвено-црните“ и да ја намали негативата и покрај осумте технички грешки на Вардар во овој дел од натпреварот кој македонскиот шампион го заврши со предност од 9-15.
Сигурната игра на вардарци продолжи и во второто полувреме. Македонскиот првак го одбрани првиот напад на Фленсбург, а Хорехе Македа од контра го зголеми водството на +7 (9-16). На оваа позитива „црвено-црните“ беа и по првите шест минути од вториот дел кога Чупиќ со четвртиот погодок заголеми на 10-17. Но, тоа како да гио вклучи алармот кај домашните ракометари кои повлекоа и со три гола во серија брзо ја стопија предноста на Вардар на 13-17. Притисокот на Фленсбург се засили во наредните минути. Домаќините ја зголемија ефикасноста и во играта гол за гол се одржуваа на четири гола разлика обидувајќи се да го анулираа водството на „црвено-црните“. Со четири гола предност (19-23), вардарци влегоа во последната четвртина од натпреварот. Но набрзо потоа, Фленсбург искористи контра и намали на 20-23. Љубомир Врањеш побара минута одмор, а неговите совети веднаш добија реализација со нов погодок за Фленсбург за 21-23 на 10 минути пред крај. По шест минути без погодок, Душебаев конечно ја прекина лошата серија на Вардар убав погодок зџа 21-24, а мајсторскиот погодок на Дибиров веќе во следниот напад одново го однесоа македонскиот шампион на безбедна дистанца и предност од 21-25 на осум минути пред крај.
Првиот гол на десниот бек Холгер Гландорф во 55.минута одново го донесе Фелнсбург на -3 (23-26). Во завршницата на мечот, Фленсбург брзаше, а Вардар настојуваше да ја одбрани предноста. Притисокот на Фленсбург донесе исклучување на Борозан и нов погодок на Гландорф за 24-26. Во лош момент за Вардар, во вистински за Фленсбург се разбрани и Мелер на голот на германскиот тим и сопре неколку напади на Вардар во серија. За среќа на Вардар, на спротивмната страна се реваншира и Арпад Штербик кој со 16 одбрана ја спаси победата на Вардар со конечните 24-26.
Најефикасни во составот на Вардар беа Лука Циндриќ и Алекс Душебаев со по пет гола, по четири гола постигнаа Тимур Дибиров и Иван Чупиќ . Арпад Штербик го заврши мечот со 16 одбрани и беше клучен играч за победата на макеоднскиот шампион. Кај Фленсбург прв стрелец беше Јохан Јакобсон со шест гола.
Реваншот од овој четвртфинален дуел ќе се одигра во четврток, на 27 април во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА