Анадолу Ефес во суперинтересен натпревар тримфираше на гостински терен над Олимпијакос со 71-73, израмнувајќи на 1-1 во оваа четвртфинална серија од Евролигата. Денешната победа е историска бидејќи првпат се случува Анадолу да добие еден четвртфинален дуел од Евролигата на гостински терен, со што тимот на Перасовиќ значително си ги зголеми шансите за пласман на фајналфор турнирот што годинава ќе се одржи токму во Истанбул.
За разлика од првиот натпревар во кој беше декласиран од Олимпијакос, овојпат тимот на Ефес одговори на предизвикот, одигра извонредно во текот на сите 40 минути, за во самата завршница со „ладни глави“ гостинските кошаркари да стигнат до победата. Принтезис промаши две слободни фрлања на една минута до крајот при резултат 71-71, за потоа Кирк на спротивната страна да реализира за 71-73 за Ефес.
Олимпијакос имаше две шанси за победа, но најпрвин Папаниколау, а потоа и Грин промашија тројки па турскиот вицепрвак се враќа дома со одлични 1-1, во пресрет на двете средби што ќе бидт на програмата во Истанбул.
Данстон со 16 и Ханикат со 15 поени беа најефикасни кај Анадолу Ефес, додека Принтезис и Спанулис постигнаа по 20 поени за Олимпијакос, но немаа соодветна помош од останатите кошаркари на „црвено-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА