Арда Туран од следната сезона ќе ги засили редовите на Арсенал, објави „Си-Ен-Ен Турк“, откако не го оправда во целост својот ангажман во редовите на Барселона. Трансферот ќе ги чини 25 милиони фунти, а со овој ангажман започнува револуцијата во составот на Венгер. Туран ќе треба да го завземе местото на Озил, кој најверојатно ги напушта „топчиите“ по оваа катастрофална сезона. Турчинот е очаен за место во првите единаесетмина и редовен фудбал, па смета дека со оваа преселба ќе го добие тоа што го бара.
Агентот на турскиот репрезентативец, Ахмет Булут, ги демантираше овие информации, и се надополни со убедувања дека Туран е среќен во Барселона.
„Не, не сме контактирале со никого од Арсенал. Туран е среќен во Барселона, има уште три години од договорот и засега нема намера да замине“ – изјави Булут.
30-годишниот играч за врска беше поврзуван неколку пати со трансфер во други клубови од Европа, но не се реализира ниту еден. Имаше и шпекулации околу заминување во Кина, но Турчинот верува дека се’ уште не му е време за преселба во Азија. Туран сезонава е во добра голгетерска форма, ја користи секоја шанса што ја добива, а постигна 13 гола и 7 асистенции во сите натпреварувања за каталонците. Сепак, подолг период го мачат и повреди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА