Расел Вестбрук продолжи со уривање на рекорди во НБА-лигата оваа натпреварувачка сезона, откако ѕвездата на Оклахома сити го заврши синоќешниот дуел против Хјустон со 51 поен, 10 скока и 13 асистенции, со што стана најдобар стрелец при трипл-дабл на еден плејоф натпревар во НБА. Сепак, тоа не му беше од преголема корист на неговиот тим, кој загуби и на ова гостување против Хјустон (115-111). „Ракетите“ мечот го решија во последните неколку минути, откако Харден, Беверли и Гордон погодија тројки, па резултатот на 100 секунди до крајот гласеше 114-104, по што Хјустон рутински го приведе натпреварот до крај.
Харден повторно беше на висина на задачата реализирајќи 35 поени, Ерик Гордон постигна 22, а Лу Вилијамс 21 поен за победничката екипа на оваа средба.
Голден стејт лесно и убедливо славеше над Портланд со 110-81, зголемувајќи ја предноста во оваа плејоф серија на 2-0. „Воините“ настапија без Кевин Дурант, но уште со фуриозната прва четвртина (33-17) јасно ставија до знаење дека гостите немаат што да бараат на оваа средба. Убедливата предност му овозможи на Стив Кер да одмори дел од своите ѕвезди во второто полувреме, па Кари беше најефикасен со за него скромни 19 поени, пред Томпсон со 16 и Мекги со 15 поени.
До предност од 2-0 стигна и тимот на Вашингтон, кој повторно на домашен терен беше подобар од Атланта, триумфирајќи со 109-101. Бредли Бил беше најзаслужен за победата, постигнувајќи дури 16 од својот 31 поен во последната четвртина, вклучувајќи ја и клучната тројка со која во финишот беше скршен отпорот на гостите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА