Овогодинешниот плејоф во НБА-лигата стартуваше со суперинтересен дуел меѓу Кливленд и Индијана, во кој актуелниот шампион по голема битка славеше со 109-108. Гостите од Индијанаполис ќе имаат за што да жалат бидејќи го имаа последниот напад и шанса за победа, но не ја искористија идеалната можност со сензација да го отворат овој плејоф.
Кливленд водеше во поголемиот дел од натпреварот, но потоа Индијана во последната четвртина се врати и внесе резултатска неизвесност. Актуелниот првак имаше предност од 109-105 на 40 секунди до крајот, но тогаш Џорџ погоди тројка, на спротивната страна Леброн Џејмс не беше прецизен, но гостите при последниот напад одиграа лошо, топката заврши кај Мајлс, кој не беше прецизен, предизвикувајќи еуфорија меѓу домашните кошаркари и навивачи.
Леброн Џејмс беше во главна улога и на оваа средба, реализирајќи 32 поени и 13 асистенции, Ирвинг постигна 23, а Лав 17 поени за победничката екипа, додека кај Индијана најпрецизни беа Пол Џорџ со 19 и Стивенсон со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА