Анчелоти има желба пред Реал: Роналдо на клупа, Бензема на трибини, Бејл да остане дома

Искусниот италијански стратег на Баерн Минхен, Карло Анчелоти, пред вечерашниот дуел во четвртфиналната фаза од ЛШ против Реал Мадрид, изјави дека преферира триото Роналдо, Бензема, Бејл да не игра за неговиот тим да има многу поголеми шанси за победа. Се разбира, тоа ќе остане само негова желба, а тренерот на Баерн ќе се соочи со Реал две години откако го напушти кормилото на шпанскиот гигант.

„Гледам многу натпревари на Реал, многу добро го познавам тимот и знам колку се способни. Нормално, најмногу внимание посветувам на напаѓачкото трио Роналдо, Бензема, Бејл. Тие се на пат да го освојат шпанското првенство, нормално ќе се обидат и да ја обранат европската титула. Мислам дека Зидан се согласува со мене дека Реал е опасен и без неговите тројца најдобри, но јас за вечерашниот меч преферирам да не играат. Преферирам Роналдо да биде на клупа, Бензема да гледа од трибини, а Бејл да остане дома во Мадрид“ – изјави на шега, Анчелоти.

Италијанецот во 2014 година го однесе Реал Мадрид до десеттата титула во Лигата на Шампиони по цели 12 години, а ја започна ерата на триото од кое сега најмногу се плаши. Бејл потпиша за „кралевите“ истата година кога пристигна и Италијанецот на „Сантијаго Бернабеу“.

„Не сум зборувал со играчите на Реал Мадрид во изминатиот период, но ги познавам многу добро. Јас сум фокусиран само на натпреварот и на мојот тим. Мечот ќе биде многу важен за мене. Исто така го знам Зидан многу добро, но не и неговата стратегија за мечот. Немам простор да мислам многу на противникот. Едно е сигурно, дуелот ќе го одиграат два многу силни тима“ – додаде Карло Анчелоти.

Се вчитува...