Црвена звезда уште еднаш покажа дека нема конкуренција во АБА-лигата, откако и во вториот финален натпревар против Цедевита убедливо го совлада својот ривал (84-73), стигнувајќи до водство од 2-0, па сега на „црвено-белите“ им недостига само една победа за да се закитат со нова титула во регионалното натпреварување.
Доколку Цедевита на првиот меч се закани со одлична игра во првата четвртина, овојпат Црвена звезда доминираше од првата до последната минута, во ниту еден момент не дозволувајќи им на гостите од Загреб да се понадеваат дека би можеле да приредат изненадување. Првата четвртина заврши 29-18, а втората со 57-44, двете со фантастични тројки на Марко Гудуриќ. Во преостанатиот дел од мечот „црвено-белите“ рутински го контролираа резултатот, на крај без многу мака триумфирајќи со нова двоцифрена разлика (84-73).
Џенкинс со 16 и Волтерс со 14 поени беа најефикасни кај Црвена звезда, додека прв стрелец на Цедевита при денешниот пораз беше Билан со 12 поени.
Цедевита ризикуваше со недоволно заздравениот Боутрајт, но Американецот во третата четвртина ја обнови повредата на мускулот и сега го очекува подолга пауза од терените. Третиот натпревар од оваа финална серија на програмата е веќе в четврток, но за разлика од првите два ќе се игра во Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА