ЖРК Вардар денеска го игра првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите против Митјиланд, а записникот со официјалните состави пред натпреварот откри интересен детал – Ирина Дибирова нема да ги води „црвено-црните“ на дуелот во Икаст што ќе стартува во 17 часот. Според записникот, предводници на стручниот штаб на „црвено-црните“ на оваа средба ќе бидат Аце Станковски и Едуард Кокшаров.
Русинката според неофицијалните информации поради „приватни причини“ не отпатувала со остатокот на тимот, а „вардарки“ во најавата за денешниот натпревар се пофалија со камбекот на Андреа Лекиќ, но никаде не беше споменато отсуството на шефицата на стручниот штаб, што секако не е мала работа. Русинката дојде на клупата на Вардар пред самиот крај на главната групна фаза, го водеше тимот при убедливиот триумф со Турингер, но потоа не беше дел од стручниот штаб ниту на гостувањето во регионалната лига.
Без оглед како ќе заврши натпреварот во Данска, ваква несериозност на клуб кој атакува на врвот на женскиот европски ракомет е нешто што никако не смее да се дозволи. Останува по враќањето на тимот да дознаеме дали Дибирова воопшто ќе продолжи да го води тимот од крајот на сезоната, како што беше најавено, или пак ќе бидеме сведоци на нова тренерска смена во женскиот клуб на „црвено-црните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА