Ракометарките на Вардар денеска (17 ч.) во Икаст му гостуваат на данскиот Митјиланд, во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Вардраки ја носат улогата на фаворит во овој четвртфинален дуел кој е последниот филтер пред Ф4 турнирот во Будимпешта.
„Црвено-црните“ во Данска отпатуваа во речиси комплетен состав во кој поради повреда недостасува само пикерот Андреа Човиќ. Но, во составот се вратија Андреа Лекиќ и Ања Алтхаус кои не настапија на последните два турнири во регионалната ВРХЛ лига што беа последна проверка за вардарки пред четвртфиналето во ЛШ.
Во пресрет на денешниот дуел со Митјиланд, Андреа Лекиќ ја истакнува фаворитиската улога на Вардар но, и предупредува дека вардраки мора да бидат внимателни и трпеливи во нападот.
„Може да се каже дека ние сме фаворити во овој дуел, но јас, во секој случај, очекувам тежок натпревар. Митјиланд сезонава покажа дека е многу силен на домашен терен. Во составот имаат многу играчи со високи индивидуални квалитети. Тие се брз тим што сака многу да трча. Ако сакаме да бидеме поуспешни во овој дуел, ние ќе треба да одиграме трпеливо во нападот, но исто така мора брзо да се враќаме во одбраната за да ги сопреме нивните контри“ – истакнува Андреа Лекиќ.
Реваншот на домашен терен ќе биде главниот адут на „црвено-црните“ во овој четвртфинален двомеч, но за мирен реванш, на Вардар сепак, му треба поволен резултат од денешниот прв меч во Икаст.
„Не можам да кажам однапред што би бил добар резултат за нас, но секако, победа секогаш е добар резултат“ – вели Лекиќ.
Во прилог на македонскиот шампион му оди и статистиката во меѓусебните дуели со Митјиланд. Вардарки имаат четири победи во петте меѓусебни дуели со данскиот тим во изминативе три години во Лигата на шампионите. Овие два тима се сретнаа и на Ф4 турнирот во 2014 година, во натпреварот за 3.место и тогаш Вардар победи со 34-31.
„Немаме најдобра статистика против Вардар, но ние веруваме во нашите добри перформанси на домашен терен сезонава. Вардар е одличен тим, но Ѓер и ЧСМ Букурешт се исто така на тоа ниво, па успеваме да ги победиме. Тоа ни дава самодоверба дека на домашен терен може да направиме сензација, а тоа ќе биде ако го елиминираме Вардар. Комплетно сме фокусирани на овој прв меч на домашен терен. Се надеваме дека ќе избориме поволен резултат и дека нема да испаднеме од игра пред реваншот во Скопје“ – вели тренерот на Митјиланд, Кристиан Кристенсен.
Денеска се играат уште два натпревари од четвртфиналните дуели во ЛШ, Мец го пречекува Ѓер, а Будуќност е домаќин на Ларвик. Два дена порано од другите, првиот меч од четвртфиналето го одиграа ЧСМ Букурешт и ФТЦ (30-25).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА