Селекторот на младата репрезентација на Македонија и тренер на прволигашот Пролет, Илија Темелковски денеска е малтретиран од полициски службеници при најтривијална ситуација во желба за разрешување на сообраќаен метеж, пренесува ТВ 21.
Полицијата ја блокирала раскрсницата кај Скопски саем, подготвувајќи се за делегација која требало да помине. Темелковски брзајќи да стигне на време на тренинг, каде го чекаат играчите, го замолил полицискиот службеник да го пушти да помине. Сепак, како што пренесува ТВ 21 добил неочекувано одговор. Случајот е снимен и од камерата на ТВ 21, а како што тврди Темелковски тоа не е ништо во однос на тоа што му се случило кога двајцата полицајци го однеле зад автобус, далеку од очите на минувачите и го малтретирале.
„Во ред е, можеби реагирав преостро. Но, во моментите кога ја земав возачката дозвола да се легитимирам, ме фати за врат и ми нареди да излегувам надвор. Добро реков, во ред…, но почна да ме влече а притоа веќе ниту ми побара легитимација, затоа што претходно побара да се легитимирам, и ме одвлекоа на паркинг зад автобусите, едниот ме дрпа, другиот ме држи за врат… Ги прашував дали се нормални, а тие ме ставија меѓу два автобуси и почнаа да ме удираат по бубрези…“ – вели Темелковски во изјава за ТВ 21.
Зачудувачки во целата ситуација е тоа што ако Темелковски направил прекршок, или било какво друго казнено дело, зошто не е евидентиран, приведен или покрената постапка? За Илија Темелковски оваа непријатна ситуација е шокантна затоа што е нападнат од службеници на Република Македонија, кои ниту го евидентирале, ниту, ако е потребно да го приведат, но само го малтретирале и физички нападнале. Вели дека случајот ќе го пријави, ќе покрене тужба и ќе бара одговорност од припадниците на полицијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА