Пелистер и Силекс одиграа реми без голови во 25. коло од домашниот шампионат, по кое и двете екипи останаа дополнително со бодовно заостанување зад Работнички во трката за третата позиција.
Токму затоа, се чини, и двајцата стратези Жикица Тасевски и Наџи Шенсои со речиси идентични изјави се незадоволни до крај со освоениот бод, потенцирајќи дека имале шанси за своја победа. Тасевски жали за нереализираната извонредна можност за победа во последната минута, а Шенсои за шансите во првото полувреме.
„Не може да бидеме најзадоволни, затоа што победата беше императив за двете екипи, а бодот не одговара и за Пелистер и за Силекс. Беше тоа квалитетен натпревар, ние игравме навистина цврсто во одбраната, со создадени шанси во нападот кои не ги искористивме. Најмногу жалам за шансата во финишот која можеше да ни донесе три бода“ – вели стратегот на Силекс, Жикица Тасевски.
Наџи Шенсои, пак, вели дека Пелистер можел да ја осигура победата уште во првото полувреме…
„Мораше да ја осигураме победата уште во првото полувреме кога создадовме три 100% шанси. Среќата не беше на наша страна, мораше да однесеме три бода… Бевме подобри а не победивме, затоа ние сме тие кои повеќе треба да жалат“ – истакна по мечот Шенсои.
ФОТО: www.ohridnews.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА