Родриго Бентанкур од следната сезона ќе биде играч на Јувентус откако италијанскиот шампион ја искористи клаузулата за да го доведе фудбалерот на Бока јуниорс во своите редови. Клаузулата беше вметната при заминувањето на Карлос Тевез во Бока, при што „старата дама“ доби можност прва да стигне до услугите на уругвајскиот суперталент за отштета од 9,4 милиони евра (плус процент од следниот трансфер на Бентанкур). Крајниот рок за активирање на клаузулата беше 20 април, па челниците на Јуве решија да ја искористат можноста да го доведат во своите редови еден од најталентираните фудбалери во Јужна Америка.
Бентанкур има 19 години, но веќе настапи на бројни натпревари за тимот на Бока јуниорс. Станува збор за играч кој настапува во средниот ред и кој важи за предводник на младинската репрезентација на Уругвај. Тој денеска пристигна во Торино и ги мина лекарските прегледи, по што во текот на утрешниот ден би требало и официјално да стави потпис на петгодишниот договор со „старата дама“.
За очекување е Јувентус во следната сезона да го позајми Бентанкур на некој од „помалите“ италијански клубови, за потоа по адаптацијата во Калчо-лигата Уругваецот да добие шанса и во дресот на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА