Леброн броеше до 41, Голден стејт не запира

Кливленд по огромна битка и дури две продолженија го скрши отпорот на Индијана, славејќи со 135-130 и продолжувајќи ја трката со Бостон за првото место во Источната конференција. Најзаслужен за овој триумф беше Леброн Џејмс, кој постигна 41 поен, вклучувајќи ја и значајната тројка во последната минута од второто продолжение, со кое ја осигура победата на својот тим. „Кралот“ Џејмс стигна до трипл дабл бидејќи имаше и 15 скока и 11 асистенции за 52 минути игра. Најдобар поединец кај Индијана беше Пол Џорџ со 43 поени, тој постигна дури 19 поени во низа за својот тим во двете продолженија, но и тоа беше премалку за да се земе скалпот на шампионот.

Голден стејт ја продолжи својата серија добри игри славејќи над Вашингтон со убедливи 139-115 за својата единаесетта победа во низа. Стеф Кари влезе во својот препознатлив ритам од претходните две сезони постигнувајќи девет тројки за вкупно 42 поени, надополнети со осум асистенции, додека Дрејмонд Грин оствари нов трипл дабл, со 11 поени, 12 скока и 13 асистенции.

Хјустон и без помошта на Џејмс Харден лесно славеше на гостувањето против Феникс, додека Денвер предводен од Галинари (29 поени) триумфираше во Мајами за задржување на минималните шанси за осмото место во Западната конференција, на кое моментно се наоѓа тимот на Портланд.

Резултати НБА:

Бруклин – Атланта 91-82, Кливленд – Индијана 135-130 (по прод.), Мајами – Денвер 113-116, Њу Орлеанс – Чикаго 110-117, Торонто – Филаделфија 113-105, Голден стејт – Вашингтон 139-115, Феникс – Хјустон 116-123, Њујорк – Бостон 94-110, Оклахома – Шарлот 101-113, ЛА лејкерс – Мемфис 108-103, Милвоки – Далас 105-109, Сан Антонио – Јута 109-103.

Се вчитува...