Цедевита е првиот финалист во АБА-лигата откако хрватскиот тим во интересен натпревар успеа да слави над Партизан со резултат 87-78. Првакот на Хрватска беше посилен и од огромните проблеми со повреди со кои се соочи, откако најдобриот кошаркар на Цедевита, Американецот Боутрајт, се повреди по неполна минута игра од вечерашната мајсторка. Згора на тоа, при едно лизгање и крајно лош пад во третата четвртина настрада и Марко Араповиќ, кој потоа не се врати на теренот до самиот крај.
И покрај сето ова, Цедевита беше тимот што доминираше во текот на целата средба. Гостите од почетокот се најдоа во ситуација да бркаат негатива што на момент беше и двоцифрена, на момент со серија прецизни шутеви дојдоа до шест поени разлика, но потоа шутот престана да ги служи избраниците на Александар Џикиќ, за на крајот да го загубат натпреварот со конечни 87-78.
Билан со 16 и Бабиќ со 14 поени беа најефикасни кај Цедевита, додека први стрелци на Партизан на вечерашниот натпревар беа Хечер со 16 и Луковиќ со 13 поени.
Противникот на Цедевита ќе биде познат во вторник, кога Црвена звезда ќе го пречека Будуќност во мајсторката од втората полуфинална двојка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА