Вардарци посакуваат три бода од дербито со „романтичарите“

Соседското дерби меѓу Вардар и Работнички го привлекува вниманието на домашната фудбалска јавност во пресрет на 24.коло од Првата фудбалска лига, кое е на програмата денеска, со почеток во 15 часот. Актуелниот шампион сака да ја задржи предноста на врвот на табелата, па цели кон трите бода и на овој дуел. Репрезентативецот Бобан Николов вели тој и неговите соиграчи имаат максимален респект за тимот на Работнички, но ќе се потрудат бодовите да ги прокнижат на нивното салдо.

„Имаме респект кон противникот, меѓутоа нашата цел се трите бода и од овој натпревар. Знаеме дека не чека еден дерби натпревар, еден меч кој што ќе го решаваат детали. Затоа ќе треба да бидеме концентрирани во сите делови од теренот во сите фази од натпреварот. Да дадеме се од себе за да победиме. Сега после репрезентативните обврски сме максимално посветени на следните натпревари како јас така и сите играчи, и верувам дека ќе дојдеме до триумф против Работнички во овој важен натпревар“, вели Николов, кој неодамна на дуелот со Лихтенштајн го постигна и својот дебитантски погодок во А-селекцијата на Македонија.

Соседското дерби ќе се игра на „Телеком Арена“ во Скопје, со почеток во 15 часот.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 24. КОЛО (15 ЧАСОТ)

ПОБЕДА – БРЕГАЛНИЦА

ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ

ШКУПИ – ПЕЛИСТЕР

СИЛЕКС – РЕНОВА 

Се вчитува...