Николов пред мечот со Работнички: Дерби не е дерби без навивачи!

Вардар и Работнички, без сомнение, сезонава се клубови со најмала посета на своите натпревари како домаќини. И за двата клуба, и тоа како е проблем кога битката за трофеи и европски излез ја бијат пред речиси празни трибини. За разлика од стадионите во Тетово, Прилеп, Штип, Чаир или дуелите на Пелистер, „вардарци“ и „романтичарите“ сезонава на „Телеком арената“ не може да се пофалат со некоја посета.

Овој пат во меѓусебна дерби пресметка се соочуваат утре од 15 часот на „Телеком арената“ во Скопје. Вардар како домаќин брка победа во желбата за задржување на предноста пред Шкендија, поради што секако посакува поддршка од трибините.

„Ова не е дерби ако се игра пред малку гледачи. Потребно е што повеќе публика за да го има вистинскиот епитет на дерби. Ние се надеваме дека ќе дојдат во недела и ќе ја дадат поддршката да стигнеме до три бода. Сметаме дека нема поубаво нешто кога се игра пред повеќе публика која што дава поголем мотив. Затоа сите оние кои што ќе сакаат да гледаат добар фудбал, ги повикуваме да бидат во недела нашиот 12-ти играч“ – вели македонскиот репрезентативец Бобан Николов за официјалната интернет страница на клубот.

Николов знае дека ќе биде неизвесен меч кој ќе го одлучуваат детали, но силно верува во победата на Вардар.

„Имаме респект кон противникот, меѓутоа нашата цел се трите бода и од овој натпревар. Знаеме дека не чека еден дерби натпревар, еден меч кој што ќе го решаваат детали. Затоа ќе треба да бидеме концентрирани во сите делови од теренот во сите фази од натпреварот. Да дадеме се од себе за да победиме. Сега после репрезентативните обврски сме максимално посветени на следните натпревари како јас така и сите играчи, и верувам дека ќе дојдеме до триумф против Работнички во овој важен натпревар“ – истакнува Николов.

Се вчитува...