МЗТ Скопје ќе биде значајно ослабен за денешното дерби (18 часот, СЦ „Борис Трајковски“) против Карпош соколи, пресметката на двата тима што имаат максимален ефект по првите три кола во Супер-лигата. „Металците“ останаа без еден од двата трофеи што ги бранат од лани, оној во Купот, што е само мотив повеќе за нив да стигнат до шампионската титула. Местото на нивниот трон го сонуваат сите, но најсериозен ривал дефинитивно се „соколите“ од Карпош, кои играат одлично во вториот дел од оваа сезона, откако Николиќ седна на клупата на местото на Матиќ.
„Без навреда кон останатите клубови, но сметам дека ова е дуел на двата најсериозни ривали за титулата. Сезонава игравме два пати со Карпош соколи и забележавме по една победа и пораз, добро го познаваме противникот и знаеме што треба да сториме за да победиме. Имаме проблеми на бековската линија со неиграњето на Катниќ и Синовец, но тоа ќе биде само мотив плус за сите оние кои ќе настапат да ја искористат шансата што ќе им се укаже. Најважно ќе биде одбраната да ни функционира како што треба, пред се да ја запреме нивната транзиција преку Пери и Мавра, кои потоа знаат како да ги разиграат Трајковски и Лабовиќ. Верувам во нашиот тим, дека можеме да одиграме квалитетен меч и да славиме на овој дерби натпревар“ – изјави капитенот на МЗТ Скопје, Марко Симоновски.
И останатите два натпревари од четвртото коло во Супер-лигата се играат во идентичен термин од 18 часот, Работнички го пречекува Кожув, додека Фени индустри во Кавадарци ќе биде домаќин на Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА