Антиќ и Фенер храбро „паднаа“ во Мадрид

Фенербахче го претрпе и третиот пораз во низа во Евролигата, овојпат на гостински терен против лидерот Реал Мадрид со 61-56, „црна серија“ што најверојатно скапо ќе го чини тимот на нашиот Перо Антиќ во битката за четвртото место кое носи предност на домашен терен во четвртфиналните серии за влез на Ф4 турнирот во Истанбул.

Жељко Обрадовиќ повторно се соочи со сериозни проблеми со составот поради неиграњето на Слукас и Датоме, додека Богдановиќ настапи недоволно заздравен на оваа средба. Згора на тоа, Нанели во првото полувреме се здоби со незгоден удар во главата, поради што не можеше да им помогне на соиграчите во клучните моменти од овој интересен натпревар. И покрај сите проблеми, Фенер одлично му парираше на фаворитот, турскиот првак во третата четвртина имаше и предност од седум поени, но потоа му дозволи на домаќинот да се врати, за во последната четвртина да се влезе со водство на Реал од 48-43.

Реал имаше предност од 59-50 на три минути до крајот, Фенер стигна до 59-56 и имаше два напади за израмнување, но во првиот Удох не беше прецизен, во вториот Дончиќ ја украде топката при погрешното додавање на Богдановиќ, по што Љуљ од линијата за слободни фрлања ги постави конечните 61-56.

Перо Антиќ одигра неполни 20 минути, период во кој постигна пет поени, пет скока и две асистенции. Богдановиќ со 15 поени беше најефикасен кај гостите од Истанбул, но имаше и слаб шут од поле (5/16), додека прв стрелец кај Реал вообичаено беше Серхио Љуљ со 16 поени.

Оваа победа најверојатно ќе му го донесе на Реал и првото место во регуларниот дел од сезоната, откако ЦСКА Москва вечерва загуби на гостувањето против Панатинакос со 85-80, по продолжение од пет минути. Актуелниот европски првак имаше можност за триумф во регуларните 40 минути, но во последните 30 секунди најпрвин топка загуби Де Коло, а потоа и Теодосиќ, по што мечот замина во продолжение во кое поумешни беа домашните кошаркари, кои со оваа победа го минаа Фенербахче и моментно се четвртопласирани на табелата.

Се вчитува...