Градското дерби меѓу Вардар и Работнички го привлекува вниманието во пресрет на продолжението од шампионатот во Првата лига и 24.коло кое е на програмата овој викенд. „Романтичарите“ се надеваат дека можат повторно да го изненадат шампионот, а младиот Елиф Елмас порачува дека тој и соиграчите ќе се борат жестоко за секоја топка против „црвено-црните“.
„Сега сме фокусирани само на Вардар. Се комплетиравме по репрезентативната пауза и се подготвуваме за градското дерби. Тоа секогаш носи посебна возбуда, а и квалитетен фудбал. Вардар е фаворит, го респектираме максимално, но само до почетокот на натпреварот. Потоа влегуваме во жестока битка за секоја топка, па кој повеќе ќе заслужи, нека ги освои бодовите. Работнички знаел да победи и со 3-0, како на последниот меѓусебен дуел, така што ништо не се заслужува однапред, туку само на теренот. Верувам дека ќе продолжиме со позитивните резултати и по паузата и дека на крајот ние ќе се радуваме“, изјави Елиф Елмас за официјалниот клупски сајт.
Правдата на градското дерби ќе ја дели Дејан Јакимовски од Скопје, а мечот ќе се одигра в недела, со почеток во 15 часот, на „Телеком Арена“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА