Резултатската криза на Црвена звезда уште повеќе се продлабочи откако по двата порази во низа во Евролигата „црвено-белите“ вечерва загубија и во втората полуфинална пресметка од АБА против Будуќност (63-57), па сега ќе мора преку мајсторка да го визираат пласманот во големото финале. Црногорците влегоа во мечот максимално мотивирани по трите овосезонски порази од бранителот на трофејот, а без Маркус Вилијамс (кој беше отпуштен пред неколку дена) одбраната на Будуќност делуваше многу посериозно, успевајќи да ги неутрализира главните оружја на гостите од Белград.
Стефан Јовиќ се врати по повредата во тимот на Црвена звезда, но на самиот почеток стана јасно дека плејмејкер е далеку од посакуваниот ритам, поради што потоа не ни влегуваше во игра. Првата четвртина мина во израмнета игра со многу промашени шутеви на двете страни, завршувајќи 13-13, за потоа Будуќност предводен од Савовиќ да доминира во вториот дел и на одмор да замине со „плус десет“ (33-23). Црвена звезда се обидуваше со шутеви од далечина да се врати во натпреварот, но избраниците на Радоњиќ беа очајни во овој елемент од играта. На пет минути до крајот гостите дојдоа на „минус пет“ (52-47), но по тајмаутот на Зурос домаќините повторно добија на сигурност и рутински го приведоа мечот до крај.
Савовиќ со 15 и Гордиќ со 12 поени беа најефикасни кај црногорскиот шампион, додека кај Црвена звезда единствена светла точка беше Гудуриќ со 17 постигнати поени.
Мајсторката меѓу Црвена звезда и Будуќност за пласман во големото финале од АБА-лигата ќе се игра на 4 април (вторник) во Белград со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА