Репрезентацијата на Македонија до 21 година утре против Бугарија во 14:00 часот игра пријателски натпревар на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Фудбалерот на Вардар, Бобан Николов, по дебито со гол за сениорскиот состав се враќа назад во младинската селекција, каде како капитен и еден од предводниците на младите „црвено-жолти“ очекува добра игра и победа во пресметката со Бугарија.
„Без разлика што е пријателски, овој натпревар е многу важен за нас затоа што ова е веројатно последниот подготвителен меч пред Европското првенство во Полска. Одиме на победа, ние сме меѓу најдобрите 12 репрезентации во Европа и повтороно ќе се обидеме да ја покажеме нашата вредност. Го оставаме зад нас натпреварот против Лихтенштајн и се фокусираме на Бугарија. Се надевам дека и публиката ќе не бодри како и досега и ќе биде наш играч повеќе“, изјави Бобан Николов.
Овој натпревар најверојатно ќе биде и последна контрола за младинската репрезентација на Македонија пред ЕП што летово ќе се одржи во Полска. „Црвено-жолтите“ се наоѓаат во група со селекциите на Шпанија, Португалија и Србија при првиот настап на една македонска фудбалска селекција на континентален собир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА