МЗТ Скопје скапо ја плати денешната победа над Работнички откако првиот плејмејкер на тимот, Душан Катниќ, заработи повреда на ребрата поради која сега ќе мора да отсуствува извесно време од терените. Српскиот интернационалец настрада при обидот за положување, по што беше заменет веќе во првата четвртина, а второто полувреме го следеше од клупата „во цивилка“.
Катниќ дојде во МЗТ како последно решение за плејмејкерската улога по тешката повреда на Ван Острум на Купот на Македонија во Кавадарци, но малерите продолжуваат да го следат македонскиот првак кога станува збор за овој дел од тимот.
„Се што можам да кажам во моментов е дека Катниќ почувствува болка во пределот на ребрата, мораше да биде заменет и потоа не беше во можност да го продолжи мечот. Во исчекување сме на лекарските прегледи за да видиме за колку сериозна повреда станува збор“ – изјави тренерот Анте Назор.
Тешко е да се поверува дека Србинот ќе се рехабилитира навреме за дербито против Карпош соколи наредниот викенд, меч за кој е крајно неизвесен и настапот на Стефан Синовец, кој веќе подолго време е надвор од стројот на „металците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА