МЗТ Скопје продолжи со перфектниот скор во кошаркарската Супер-лига откако вечерва славеше во големото дерби против Работнички со резултат 87-68. Гостите од „Градски парк“ неполни три четвртини добро му парираа на шампионот, за потоа МЗТ целосно да ја преземе контролата и за само неколку минути да направи предност од огромни 20 поени. „Металците“ со максимални три победи ќе влезат во дербито на следното коло против Карпош соколи, меч меѓу двата главни фаворити за титулата во домашното првенство.
Мечот почна со нервозна игра во нападот и промашувања на двете страни, па резултатот на половина од стартната четвртина гласеше 9-8. „Металците“ заиграа нешто побрзо и со лесни поени од контранапад поведе со 18-10, но проблемите за тренерот Назор се појавија откако плејмејкерот Катниќ при едно положување се пожали на удар во пределот на ребрата. Србинот веднаш излезе од игра, остатокот од полувремето го проследи од клупата за резерви, а во вториот дел остана во соблекувалната на шампионот. Без својот главен организатор на играта шампионот се соочи со проблеми, пред се во првото полувреме во кое МЗТ немаше соодветен одговор за одбраната поставена од страна на Марин Докузовски. Работнички со двете тројки на Тасовски успеа дури и да дојде до водство од 30-31, на две минути до крајот на полувремето гостите имаа 31-35, но МЗТ се разбуди во вистински момент, па со поените на Мијатовиќ замина на одмор со минимална предност од 36-35.
Мираковски го отвори второто полувреме со поени, по што следеше серија на МЗТ Скопје од 6-0, но гостите успеаја да се вратат и да одржуваат неизвесност се до последните две минути од третата четвртина. По водството на МЗТ од 54-50 домаќините постигнаа нови девет поени во низа, па во последните десет минути се влезе со резултат 63-50. Серијата на „сино-белите“ не запре тука, тие продолжија во ист ритам и на стартот од последниот период, па веќе во 32. минута шампионот имаше огромни „плус дваесет“ (70-50) пред Владо Илиевски да постигне тројка за први поени на Работнички по пауза од четири минути. Остатокот од мечот беше рутина, избраниците на Назор ја одржаа позитивата до самиот крај, за конечни 87-68.
Дреновац со 17 поени беше прв стрелец на МЗТ Скопје при вечерашниот триумф, пред Темс со 13 и Клоф со 12 поени. Најефикасни кај Работнички беа Тасовски со 23 и Мираковски со 17 поени.1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА