Третото коло од Супер-лигата ќе го донесе и првото вечно дерби во македонската кошарка, пресметката меѓу МЗТ Скопје и Работнички што ќе стартува во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“. МЗТ влегува во овој дуел со скор од 2-0, „металците“ како актуелен шампион важат за фаворити на оваа средба, но јасно е дека на ваквите дерби пресметки не победува секогаш подобриот, туку помотивираниот. Токму затоа, домаќините се надеваат и на поддршка од трибините, ако се знае дека нивните верни навивачи се уште го бојкотираат клубот поради конфликтот со управата, а во ситуација кога гостите веќе најавија присуство на својата навивачка група јасно е зошто Анте Назор ги повика аеродромци да им дадат „ветер во грбот“ на неговите избраници.
„Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар каков што заслужува дерби од калибарот на тоа помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Имаме голем респект за противникот, од тренерот Докузовски кој е потписник на најголемиот успех на македонската кошарка, преку играчите кои добро ги познавам од АБА-лигата како Илиевски и Чековски, до искусните волци како Мираковски и Тасовски и плејадата млади таленти кои одлично играат. Никако не смееме да го прифатиме нивниот начин на игра на половина терен бидејќи тоа може да биде кобно за нас. Добро се подготвуваме за ова дерби, ќе пробаме да го диктираме ритамот и ако успееме во тоа тогаш ќе бидеме многу поблиску до бодовите. Се надевам дека оваа пресметка со Работнички ќе биде и посебен мотив за нашата публика да дојде во поголем број од вообичаени за да ни ја даде толку потребната енергија, која понекогаш е клучна во ваков тип натпревари. Верувам дека ова ќе биде убава приказна, како на теренот така и на трибините и дека актерите на паркетот ќе потсетат зошто ова е најголемо дерби во македонската кошарка“, вели тренерот Анте Назор.
Во преостанатите две средби од третото коло во Супер-лигата Куманово ќе го пречека тимот на Карпош соколи, додека Кожув ќе биде домаќин на тимот на Фени индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА