И новата генерација млади фудбалери на Благоја Милевски која ќе треба да настапува од септември низ квалификациите за ЕП 2019 во Италија, го продолжува победничкиот од започнат од претходната генерација која се пласираше на ЕП во Полска.
Надежите во пријателски натпревар на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје славеа со 2-0 (1-0) против врсниците од Црна Гора, во натпревар во кој бевме подобар противник со далеку поизразена желба за триумф.
Уште на стартот од мечот македонските репрезентативци демонстрираа дека се желни за триумф на мечот, играјќи агресивен пресинг на половината од противникот. Иако контролиравме игра, единствената шанса во првите 25 минути беше шутот на капитенот Петар Петковски во 13. минута кој заврши покрај голот на гостите.
Откако Црногорците се заканија преку Кукуличиќ во 19. минута кој шутираше за малку непрецизно од околу 20 метри, следеше нашето водство во 31. минута. По проигрувањето од длабочина, Елиф Елмас доби топка на 20 метри, мајсторски се ослободи од својот чувар и потоа прецизно од 16 метри шутираше во долниот десен агол од голот на Царевиќ.
До крајот на првото полувреме имавме уште една шанса, во 33. минута, но шутот на Кулевски заврши за малку покрај десниот дирек од противничкиот гол.
Во второто полувреме повторно првата можност за Македонија. Во 49. минута Доријан Бабунски доби топка од длабочина, убаво ја прими на десеттина метри пред голот на гостите, но противничкиот голман добро реагираше.
До крајот, надежите на Благоја Милевски не престанаа со атакот па следеше акцијата во 73. минута по кој беше оправдано досуден удар од белата точка по прекршокот над Костадинов. Прецизно во 74. минута пеналот го реализираше Костадин Чешмеџиев.
Во финишот само рутински се одржуваше предноста за конечни 2-0.
У21 – ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР
МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 2-0 (1-0)
Тренинг центар „Петар Милошевски“ во Скопје. Гледачи: 700. Главен судија: Димитар Мечкаровски (Македонија). Стрелци: Елмас 31 мин., Чешмеџиев 74′(п) (М).
МАКЕДОНИЈА: Мујовиќ, Попзлатанов (85′ Здравковски), Чешмеџиев, Симовски (60′ Атанасковски), Амановиќ, Тотре (60′ Демир), Костадинов (85′ Аломеровиќ), Кулевски (70′ Јефтовски), Петковски (70′ Абаз), Елмас (70′ Стојановски), Дор. Бабунски (60′ Селмани)
Селектор: Благоја Милевски
ЦРНА ГОРА: Царевиќ, Рашо, Ускоковиќ, Смилјаниќ, Шакиќ, Перовиќ, Пјетровиќ, Вукчевиќ, Миловиќ, Ѓуриковиќ, Кукуличиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА