Преку пријателскиот натпревар со Црна Гора денеска од 14 часот на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ на ФФМ стартува „изградбата“ на новата македонска селекција за играчи до 21 година која ќе биде дел од квалификациите за ЕП 2019 во Италија.
Комплетно реновираниот млад тим на генерација фудбалери 1996/97 преку тест дуелот со Црна Гора треба да покаже пред селекторот Благоја Милевски колку е подготвен да се носи со товарот на следниот квалификациски циклус, сега дополнително засилен и поради извонредниот успех на претходната генерација која избори место на ЕП во Полска.
Но, како што вели Милевски, воопшто не сакаат да се осврнуваат во минатото. Ова е еден нов почеток, нов проект со сосема нов избор фудбалери кој треба да го докаже својот квалитет.
„Не ме интересира ништо што било досега околу младата репрезентација. Не не интересираат претходните резултати и успеси. Ова е еден нов проект, нов почеток со нова генерација фудбалери. Дуелот со Црна Гора треба да претставува еден вид филтер за избор на кругот репрезентативци на кои ќе сметаме во квалификациите за ЕП во Италија кои почнуваат од септември. Минавме добри подготовки, и верувам дека ќе демонстрираме квалитетно издание на дуелот против Црногорците“ – вели Милевски пред денешниот натпревар.
Македонија досега има одиграни пет натпревари со Црна Гора во оваа генерација фудбалери, и забележано исто толку победи. Цената на билетите за денешниот дуел со Црногорците изнесува 100 денари, а ќе може да се купат и пред самиот натпревар на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА