Марез ќе бира помеѓу „Енфилд“ и „Камп Ноу“

Најдобриот играч во Премиер лигата од минатата сезона, Ријад Марез, се очекува да го напушти Лестер по крајот на оваа сезона, откако „лисиците“ беа прогласени за најлошите бранители на трофејот во историјата на англискиот фудбал. Алжирецот почна да ја враќа формата од минатата година, исто како и неговиот тим по отказот на Клаудио Раниери.

Минатото лето, Марез остана на „Кинг пауер“, но, тоа најверојатно, нема да се случи и во овој преоден рок. Марез е главна мета на Јирген Клоп и Ливерпул, но ќе имаат голема конкуренција од Барселона. Двата тима се во потрага по креативни играчи, првокласни техничари кои можат да направат разлика на теренот. Иако Барселона има доволно креативци во тимот, не е на одмет да се додаде и „најдобриот“ од Премиер лигата, додека пак Ливерпул бара еднаква замена за Кутињо, за кого кружат шпекулации дека летово би можел да ги напушти „црвените“.

Цената за Марез се движи од 35 до 40 милиони фунти, сума која и двата тима можат да ја исплатат, но одлуката останува на Алжирецот. А, со оглед на тоа дека неодамна тој имаше изјава дека му е сон да заигра за Барселона, нема да биде изненадување доколку Марез биде првото засилување на „каталонците“ летово.

 

Се вчитува...