Работнички ќе има поддршка од трибините за време на вечното дерби со МЗТ Скопје, откако двата големи ривали се договорија гостите од „Градски парк“ да добијат 150 влезници за своите најверни навивачи за саботната пресметка во СЦ „Јане Сандански“. Раководството на актуелниот шампион позитивно одговорило на барањето на вечниот ривал, се со цел дербито да се одигра во спортска атмосфера, со фанови на трибините, наместо во „театарска тишина“.
Се уште се мали шансите навивачите на МЗТ Скопје, популарните „Фемили Аеродром“, би го прекинале бојкотот и на пресметката со големиот ривал би се нашле на трибината зад еден од кошевите во „СЦ Јане Сандански“. Кошаркарите на МЗТ немаат поддршка од трибините од најверните фанови на клубот веќе подолго време поради добро познатиот конфликт меѓу навивачката група и управата на клубот, а во ситуација кога „металците“ не се толку големи фаворити според играчкиот кадар јасно е дека „ветер во грб“ од навивачите би им бил добредојден на избраниците на Анте Назор.
Комесарите за безбедност на двата големи ривали се во постојат контакт, се со цел мечот в сабота да мине во најдобар ред, без ниту еден инцидент, но и да заличи на вистински дерби натпревар.
МЗТ Скопје од претходно објави дека цената на влезниците за големо дерби ќе изнесува само 100 денари, се со цел салата „Јане Сандански“ да биде што повеќе исполнета во мечот од третото коло од Супер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА