Цедевита стигна до предност од 1-0 во полуфиналната серија од АБА-лигата против Партизан откако хрватскиот првак вечерва славеше на домашен терен против белградските „црно-бели“ со 83-76. Како пресудна се покажа одличната игра во првото полувреме на кошаркарите на Цедевита, кои постигнаа 54 поени и стигнаа до огромна предност. Партизан се разбуди во вториот дел, но негативата од деветнаесет поени сепак се покажа преголема за српскиот вицепрвак да направи целосен резултатски пресврт.
Александар Џикиќ се соочи со огромен проблем по само триесетина секунди игра, откако Урош Луковиќ го повреди скочниот зглоб и мораше да го напушти теренот. Партизан инсистираше на удари од далечина и промашуваше, додека Цедевита со разноврсна игра лесно го наоѓаше лекот за одбраната на „црно-белите“. Како што одминуваше времето, така и предноста на хрватскиот шампион растеше, првата четвртина заврши со 25-17, а Цедевита продолжи да доминира и во втората четвртина, па на одмор се замина со огромни 19 поени предност за домашниот состав (54-35).
„Црно-белите“ конечно покажаа знаци на живот во третиот период, кога по четирите тројки во низа (Хечер, Бирчевиќ, Гордон и Величковиќ) ја спуштија разликата под десет поени (58-49). Партизан најмногу се приближи до „минус шест“ (63-57), но Џејмс постигна тројка во вистински момент за Цедевита, домаќините си ја вратија самодовербата и во последните десет минути влегоа со резултат 70-59.
И двата тима влегоа нервозно во последната четвртина, во која по пет минути игра беа постигнати само шест поени (2-4). Партизан стигна до 76-71, но Крушлин погоди тројка во вистински момент и на помалку од две минути до крајот ги разреши сите дилеми околу победникот на овој меч (конечни 83-76).
Шурна со 15 и Билан со 13 поени беа први стрелци на Цедевита, каде двоцифрени беа уште и Боутрајт и Катиќ со по 11 поени. Најефикасни кај Партизан беа Хечер со 18 и Величковиќ со 14 постигнати поени.
Вториот натпревар од оваа полуфинална серија е на програмата следната сабота во Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА