Во редовите на штипска Брегалница се убедени дека може да дојдат до посакувани бодови од дуелот со Шкендија денеска од 14 часот во рамките на 23. коло од Првата македонска фудбалска лига, без разлика на големата фаворитска улога која ја носат тетовци.
За штипјани повеќе од неопходни се бодовите во битката за опстанок…
„Нема потреба да зборуваме за каков тим се работи. Шкендија е голем фаворит, но верувам дека сите ние ќе го дадеме максимумот и токму против една ваква екипа ќе докажеме дека Брегалница заслужува опстанок. Убеден сум дека одбраната на гостите ќе може да ја пробиеме, но ќе треба да сме концентрирани во нашата дефанзива и да го запреме Ибраими. Но, со поддршка и од трибините зошто да не дојдеме до посакуваниот резултат“ – вели младиот офанзивец на штипјани, Бобан Георгиев.
Но, оптимистички се расположени и во таборот на Шкендија.
„Одиме во Штип по три бода, како и на секој натпревар. Знаеме дека Брегалница е цврст тим кој посебно квалитетно игра пред своите навивачи, но за нас победата е императив“ – вели репрезентативецот Егзон Бејтулаи.
А, бодовите се неопходни и за Пелистер кој ќе гостува против Ренова во Тетово. По поразот од Работнички, сега за „пелистерци“ е безусловно потребна победа во трката за европски излез.
„Гипсарите“, пак, веруваат дека може да одговорат на денешниот предизвик. Посакуваат триумф, знаејќи дека Пелистер е ранлив.
ПМФЛ – 23. КОЛО (14 часот)
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР
Тетово: РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА
Прилеп: ПОБЕДА – ШКУПИ
Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА