Новиот возач во Мерцедес, Валтери Ботас, верува во своите можности и изјави дека воопшто нема да биде загрижен ако неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, биде побрз од него на почетокот на сезоната во Формула 1. Првата трка на календарот на Ф1 е на 26 март во Мелбурн, за ГН на Австралиј, а во фокусот на јавноста е како ќе се претстави Ботас во шампионскиот болид на Мерцедес.
„Знам дека имав голема стреќа и дека повлекувањето на Нико Розберг ми овозможи да дојдам во Мерцедес. Тоа отсекогаш ми било сон – да го возам најдобриот болид и да се натпреварувам за тим кој е фаворит за титулата. Благодарение на Нико, тоа за мене веќе е реалност. Сега јас треба да покажам дека ја заслужувам довербата на Тото Волф и на целото раководство на Мерцедес“ – вели Ботас.
Финскиот возач имаше добри настапи на претсезонските тестови во Барселона и добра соработка со Луис Хамилтон, што не беше случај во Мерцедес во претходните сезони. Хамилтон изјави дека Ботас е најдобриот тимски колега што го имал досега. Ботас пак во можноста да вози заедно со тројниот светски шампион гледа шанса за напредок во кариерата.
„Мирен сум и не ме загрижува воопшто ако Хамилтон биде побрз од мене на првата трка во Австралија. Со задоволство ќе гледам како работи тројниот светски шампион, за да ја видам разликата во стилот на возење и како тој управува со болидот. Да бидам искрен, сега не чувствувам некој поголем притисок од оној од претходните години во Вилијамс. Разлика е само во тоа што знам какви можност ми е дадена и треба да сторам се за да ја искористам максимално. Можам многу повеќе да добијам отколку да загубам“ – истакнува возачот на Мерцедес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА