Тимот на Мекларен непосредно пред стартот на новата сезона во Формула 1, може да го смени производителот на мотори. На двонеделните претсезонски тестирања во Барселона, возачите на Мекларен имаа голем проблем со моторите на Хонда кои се покажаа несигурни и неконкурентни. На тоа со критика реагираше и Фернандо Алонсо. А, очекувана реакција од Мекларен е да бараат решение со друг производител.
Според британските медиуми, од раководството на Мекларен се одлучиле да контактираат со големиот ривал Мерцедес и повторно да се вратат на нивните мотори пред стартот на првата трка од новата Ф1 сезона, на 26 март во Мелбурн.
Соработката на Мекларен со Хонда почна во 2013 година и сезонава се очекуваше конечно британскиот тим да има конкурентен болид, но уште на првите тренинзи имаа сериозни проблеми со моторите на Хонда.
Проблем за Мекларен е тоа што договорот со Хонда е вреден 100 милиони долари годишно, а покрај тоа, јапонскиот автомобилски гигант обезбедува и половина од платите на возачите. Со потенцијално раскинување на договорот со Хонда, Мекларен ризикува и да ги загуби спонзорите од Бахреин и Саудиска Арабија кои учествуваат во финансирањето на екипата.
Птретходно, Мекларен 15 години беше партнер со Мерцедес, се до 2009 година кога Британците решија да основаат сопствен тим, но и понатаму ги користеа моторите на Мерцедес се до враќањето на Хонда во Ф1 во 2013 година.
Мерцедес доминира во Ф1 од воведувањето на хибридните мотори во 2014 година, откога германскиот тим освои три шампионски титули, додека Мекларен во меѓувреме само два пати успеа да стигне до подиумот, без ниедна победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА