МЗТ Скопје заигра шампионски, потоп на Фени во Аеродром

МЗТ Скопје ги остави зад себе разочарувачките настапи во АБА-лигата, па одбраната на титулата во македонскиот шампионат ја стартуваше со импресивна игра и убедлива победа над Фени индустри од 86-59. Ривалот што пред еден месец го зеде скалпот на шампионот во Купот на Македонија овојпат доживеа вистински потоп во Аеродром, „металците“ одиграа фантастична одбрана и на крајот заслужено стигнаа до убедлива победа. Во дресот на актуелниот првак дебитираше Катниќ, по заминувањето на Џош Скот шанса на центарската позиција доби Младеновски, но она што импресионираше беше колективната игра на „сино-белите“, кои во ниту еден момент не им дозволија на гостите да се понадеваат на чудо во СЦ „Јане Сандански“.

Репрезентативецот Стојан Ѓуроски ги постигна првите пет поени за водство на МЗТ Скопје, за домаќините веќе во седмата минута преку Лалиќ да дојдат и до првото двоцифрено водство (16-5). Кај гостите се разбуди Стајиќ, кој одигра мотивирано против својот поранешен клуб, па со осум поени до крајот на четвртината се погрижи овој дел од мечот да заврши со само шест поени разлика (21-15). Стајиќ погоди уште една тројка во вториот период, но тоа беше се што гостите успеаја да сторат на овој натпревар. Последниот неизвесен резултат беше 24-20, Фени не искористи неколку напади за уште поголема неизвесност, за потоа МЗТ да направи серија од 12-4 и повторно да дојде до двоцифрена предност, што ја сочува до самиот крај.

IMG_8241

Првото полувреме заврши со резултат 41-29, за потоа МЗТ фуриозно да ја стартува и третата четвртина. Веќе во 24. минута домаќините стигнаа и до дваесет поени позитива (53-33), само потврдувајќи ја својата надмоќ во однос на гостите од Кавадарци. Добрата игра во одбраната на МЗТ Скопје придонесе гостите да постигнат само 11 поени во овој дел од натпреварот, па во последните десет минути се влезе со водство на актуелниот шампион од 61-40.

Осигураната победа му овозможи на тренерот Назор да им даде шанса во последната четвртина на Мекиќ и на Младеновски. МЗТ продолжи да гази и со двајцата млади кошаркари во тимот, рутински одржувајќи ја предноста се до конечните 86-59.

IMG_8215

Дреновац со 22 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, Клоф постигна 14, а Симоновски и Лалиќ по 11 поени за „металците“, додека најдобри стрелци кај Фени индустри беа новото засилување Пантиќ со 13 и Николовски и Стајиќ со по 12 поени.

МЗТ Скопје во рамките од второто коло задутре во Гевгелија ќе му гостува на Кожув, додека Фени индустри во првиот домашен меч од Супер-лигата в недела ќе го пречека тимот на Карпош соколи.

Се вчитува...