Навивачката група „Чкембари“ преку свое соопштение до нашата редакција се одлучија да реагираат, како што велат, на континуираната полициска репресија кон нив која трае подолго време. „Чкембари“ потенцираат дека не се терористичка организација за при секој несакан инцидент во градот прстот да се вперува кон нивни членови, нагласувајќи дека се тука само за максимална спортска поддршка на сите колективи кои го носат името Пелистер.
Комплетното соопштение од „Чкембари“ до нашата редакција ви го пренесуваме во целост:
Основна цел на ова наше обраќање до пошироката јавност е нашата длабока загриженост и пред се нашиот револт и разочарување од се позачестената и со ништо неиспровоцирана од наша страна полициска репресија врз поголем број наши членови, веќе познат проблем со кој се соочуваме долги години наназад, но се чини последната година овој “тренд”ја достигна својата кулминација.
Целата оваа “несреќна приказна” започна во септември 2016 година, по фудбалскиот меч Пелистер-Шкендија што се играше во Битола, кога од страна на судските органи се изречени над 15 парични казни за употреба на пиротехнички средства, во 25 години независност на Р.М.и постоење на организирано навивачко движење во државата не се сеќаваме дека некогаш биле изречени толку голем број изречени глоби на само еден спортски натпревар каде организирано присуствувала навивачка група од Македонија, навистина неславен преседан.
Но за жал, ова беше само почеток, следуваше однапред најавено организирано гостување до СВР Кочани, за Брегалница Штип-Пелистер што се играше во Кочани. По завршувањето на мечот кочанската полиција наместо мирно да ги спроведе нашите членови во автобусот за да се врати навивачкиот караван назад за Битола полицијата без никаква причина и провокација употреби прекумерна физичка сила врз десетина членови на нашата група. Оваа ситуација јасно можешеда се увиди и од снимките кои навивачката група Чкембари ги достави на јавен увид до сите медиуми, но се беше залудно, и покрај тоа што од снимките јасно се гледаше дека нашите членови не ги напаѓаат службените лица, туку напротив се обидуваат да ја смират ситуацијата за да не дојде до поголема ескалација и судир со службените лица тоа не беше земено во предвид од судските органи при одлучувањето и носењето на одлуките за овој немил настан, во случајот јасно е прекршено начелото на објективност во кривичната постапка на РМ кој што гласи “Судот и државните органи се должни со еднакво внимание да ги испитуваат и да ги утврдат како фактите што го товарат обвинетиот, така и оние кои му одат во корист”.
Судот не го почитуваше едно од најважните начела на кривичната легислатива во Р.М па епилогот е следниот: 14 припадници на Чкембари добија условни казни затвор од една година, во спротивно ќе се соочат со изрекување на три месечна затворска казна.
Но ова не беше се, репресијата на СВР Битола го достигна својот зенит, по последните немили настани кои се случија во Битола на ден 7.03.2017 кога четири непознати лица рано изутрина на спомнатиот датум употребиле молотови коктели врз спомен куќата на Албанската азбука во Битола овој проблем доби уште поголеми размери. Зошто?
Полицијата во последно време за секој настан кој сноси негативен публицитет својот прст го вперува во погрешна насока, зошто?
Се работи за следното: Околу 30 наши членови, пред се од помладата генерација, добар дел од нив малолетници беа легитимирани и сослушани од страна на истражните органи на СВР Битола, им беа замени и отпечатоци од прсти, како да се работи за сторители на тешки кривични дела, а не за малолетни лица. Навистина зачудувачки и пред се нелогично и симптоматично затоа што во официјалните извештаи за настанот се споменуваат 4 лица кои наводно го извршиле делото, а уште понелогично е тоа што полициските органи целата своја истрага ја насочија кон таргетирање исклучиво на членови на навивачката група Чкембари. Ова веќе не е случајно и е направено со една единствена цел, заплашување и репресија врз нашите членови, со посебен акцент кон нашите најмлади членови.
Мора да напоменеме дека се врши навистина голем и пред се непотребен притисок токму врз оваа категорија навивачи. Но, не само тоа, се врши и притисок и врз нивните родители, се со цел да им забранат на своите деца да присуствуваат на спортските мечеви во градот, а со тоа директно да и се наштети на навивачката група. Секаде во светот токму тие најмлади категории навивачи се основата на сите организирани навивачки групи. Со самото тоа се влијае позитивно на младите луѓе кои преку спортот ќе се отргнат од се поголемиот број модерни пороци кои ги донесе современиот начин на живот…
Сето ова се прави непотребно,спротивно на законот за кривична постапка.
За која цел беа приведени и легитимирани толку голем број на лица?
Толку голема бројка на приведени лица не е вообичаена пракса на органите за безбедност ниту во истрагите за далеку потешки кривични дела а камоли за вакви случаи, посебно од фактот што во сите дописи до јавноста беа јасно пренесени изјавите од одговорните лица во спомен куќата на Албанската Азбука дека се работело за четири непознати лица кои се осомничени како сторители на делото, и навистина е нелогичен и зачудувачки фактот што речиси 30-ина членови од една навивачка група се под некакво “основано сомнение за можно сторено кривично дело”, навистина непотребна и пред се апсурдна постапка од страна на МВР пред се затоа што се работи во поголемиот дел за многу млади лица кои уживаат посебна законска и пред се социјална заштита,и ваквиот однос на полицијата може негативно да влијае на нивниот натамошен развој како личности.
Чкембари не се терористичка организација, а најмалку некое политичко здружение, и со ништо не го заслужија овој однос од институциите на системот, туку сосема спротивно, здружение на граѓани кои се обединети со една цел-развој на спортот и спортскиот дух во градот.
Сосема непотребно, и пред се некоректно и незаконски е ова што се случува, затоа што веќе години наназад Чкембари се класичен пример како треба да се однесува и дејствува една навивачка група како здружение на граѓани од сите возрасти кои постојат само за една единствена цел, а тоа е спортска подршка на сите клубови кои ги носат името Пелистер, постапувајќи коректно, цивилизирано, спортски и пред се во рамките и доменот на своите граѓански права и овластувања загарантирани со устав. За својот придонес кон развојот на спортот, спортскиот дух во градот сме биле добитници на голем број признанија и награди што е уште еден показател за успесите на групата,не само на спортските трибини туку и во развојот и унапредувањето на оштествениот живот во град Битола.
Отсекогаш најостро сме ги осудувале сите настани кои не се поврзани со спортските збиднувања, така е и овојпат, така ќе биде и во иднина. Но исто така нема да останеме рамнодушни кога државните органи ќе претераат во своите овластувања како што е во случајот.
Упатуваме апел да се престане со атакот кон нашата група, да се овозможи групата да се насочи кон целта на своето формирање и постоење, а тоа е подршка на сите клубови со името Пелистер без разлика каде настапуваат.
Спортски поздрав,со почит.
Здружение на граѓани – Навивачка група “Чкембари 1985 Битола”
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА