Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен во потпросечен натпревар ремизираа 0-0, резултат со кој европскиот вицешампион рутински ја одработе задачата по првата победа од 2-4 среде Германија и се пласираше во следната рунда од Лигата на шампионите. „Јорганџиите“ настапија со ослабен состав и одиграа далеку под своите можности, а најзаслужен што не беа казнети со пораз е голманот Јан Облак, кој имаше неколку извонредни интервенции во второто полувреме.
Свесни дека имаат одлична предност од првото полувреме, „јорганџиите“ не го играа вообичаениот пресинг на средината на теренот, препуштајќи им ја контролата на гостите од Германија. „Фармацевтите“ многу почесто се наоѓаа во шеснаесетникот на Облак, но не успеаја да сторат нешто повеќе. Напротив, просторот што го оставија зад себе беше умешно користен од страна на избраниците на Симеоне, кои имаа два одлични шутеви на Кореа и на Коке кои Лено успеа да ги исфрли во корнер.
Во ниско темпо мина и второто полувреме, во кое Облак го спаси Атлетико од водство на противникот, откако словенечкиот голман имаше две извонредни интервенции во една иста акција, запирајќи ги ударите на Брант и на Фоланд. Чуварот на мрежата на Атлетико беше најзаслужен што натпреварот заврши 0-0 бидејќи до крајот на натпреварот имаше уште неколку сигурни одбрани при обидите од далечина на гостинските фудбалери.
Севкупно гледано, Атлетико во потпросечен натпревар рутински си ја одработе задачата и се пласираше во четвртфиналето, но „фармацевтите“ покажаа низа позитивни работи со кои германскиот прволигаш може да очекува излез од кризата во која се најде во досегашнит дел од сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА