Работнички ќе биде значајно ослабен за стартот на суперлигашката сезона откако Ѓорѓи Чековски поради повреда на мускулот отпадна од комбинација за настап против Карпош соколи. Искусниот крилен центар не успеа да се рехабилитира навреме од проблемот што го мачи извесно време, па нема да биде во комбинација за настап на гостувањето против СЦ „Борис Трајковски“ (19 часот).
„За жал, проблемите со повредите никако не престануваат. Во пресрет на овој натпревар се повреди Ѓорѓи Чековски, кој сигурно нема да настапи против Карпош соколи. Тоа сигурно нема да значи дека ќе се откажеме, ќе сториме се за да стигнеме до победата. Карпош соколи ќе ја има фаворитската улога, но тоа не значи дека ние ќе бидеме со бело знаме на ова гостување“ – истакна Марин Докузовски за ЕКИПА.
Кошаркарите на Карпош соколи веднаш по освојувањето на куп-трофејот најавија атак и на шампионската титула, а „соколите“ во првото коло од Супер-лигата ќе го пречекаат составот на Работнички. Ова ќе биде реприза на полуфиналето од Купот на Македонија, во кое „соколите“ во Кавадарци славеа со 92-78, рецепт што во ќе се обиде да го примени и на вечерашниот натпревар (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“.
„Стартуваме со дерби натпревар против дефинитивно најискусниот тим во домашното првенство, во која играат голем број поранешни македонски репрезентативци како и неколку талентирани играчи чие време допрва доаѓа. Надворешната линија на Работнички е исклучително силна, предводена од играчи како Илиевски и Мираковски, кои се одлични шутери и кои повеќе од добро се снаоѓаат во играта два на два. Чековски, пак, е речиси незапирлив под кошот, каде што со својата висина и кошаркарско знаење доминира Мишановиќ. Станува збор за екипа која знае што сака и која е предводена од искусниот лисец Докузовски, кој секогаш има по неколку дополнителни адути во ракавот“ – изјави тренерот Драган Николиќ.
Домаќините за оваа средба ќе бидат посилни за српскиот интернационалец Жарко Чомагиќ, кој ќе се обиде да ја пополни празнината на крилната позиција по потешката повреда на Зоран Вркиќ. Ново засилување е и неговиот сонародник Марко Поповиќ, кој најверојатно ќе почека на своето деби поради ограничувањето на шест странци кои е на сила во македонското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА