Веќе нема никакви дилеми, од денеска Данило Мијатовиќ повеќе не е член на Куманово, откако Регистрациската комисија на МКФ го прифати барањето на српскиот интернационалец за раскин на договорот со актуелниот вицешампион.
За време на постапката што се водеше Мијатовиќ се жалеше дека не ја земал целосната плата за месеците ноември и јануари, како и дека не бил осигуран од евентуални повреди при настапите за кумановци. Членовите на Регистрациската комисија побарале од управата на Куманово да приложи докази за конкретните аргументи, но откако прикажаниот документ за осигурување бил со важност од 13 март 2017 година, а била потврдена и неисплатата на целосната плата за ноември и за јануари, донесена беше одлука со која се прифаќа барањето на кошаркарот за раскин на договорот на штета на клубот.
По ваквиот развој на настаните, веќе нема никакви пречки за Мијатовиќ да го реализира посакуваниот камбек во МЗТ Скопје, бидејќи актуелниот првак поднесе барање за негова регистрација уште минатата седмица, пред да истече преодниот рок во пресрет на Супер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА