Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ги почна подготовките за претстојниот бараж двомеч со Шведска за СП 2017. Селекторот Симе Симовски на располагање ги има сите 22 ракометарки што беа повикани за ЕХФ неделата, од 13 до 19 март, но вон строј е капитенот Елена Ѓоргиевска, кој има повреда на коленото.
„Тоа ќе ни биде голем проблем. Елена дојде на собирот, но има проблем со коленото и денеска ќе и биде направена магнетна резонанца, па ќе видиме каква ќе биде состојбата. Ќе бидеме во многу тешка ситуација ако не може да игра“ – вели селекторот Симе Симовски.
Македонските ракометарки подготовките во наредните денови ќе ги реализираат во салата во Автокоманда, а на 17 и на 18 март ќе одиграат и два контролни натпревари со селекцијата на Србија.
„Се подготвуваме за она што не очекува во баражот во јуни. Се обидуваме да го посатвиме тој систем на игра што оваа репрезентација треба да го негува во иднина. Треба многу работа, но и максимално сериознен пристап од сите ракометарки, доколку сакаме да успееме и да постигнеме нешто со оваа репрезентација. Натпреварите со Србија ќе ни бидат добра, квалитетна, контрола да видиме до каде сме пред јунскиот бараж со Шведска кој ќе ни биде и тоа како голем предизвик“ – истакнува македонскиот селектор.
Македонската репрезентација преку квалификациите обезбеди пласман во баражот за СП 2017 во кој ќе игра против селекцијата на Шведска. Првиот натпревар е на 10 јуни во Скопје, а реваншто ќе се одигра на 13 јуни во Истад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА