Војдан Стојановски и Ненад Димитријевиќ нема по добро да го паметат овој викенд откако нивните екипи претрпеа порази во рамките од 23. коло од шпанската „Ендеса лига“.
Војдан Стојановски со Бетис го пречека тимот на Гран Канарија, не успевајќи да стигне до изненадување и губејќи ја оваа средба на домашен терен со убедливи 70-89. Мечот беше загубен во втората четвртина што гостите ја добија со 14-27, стигнувајќи до двоцифрена предност што рутински ја одржуваа до самиот крај.
Капитенот на македонската репрезентација не беше во својот препознатлив ритам, па реализираше само пет поени, надополнети со два скока и две асистенции.
Хувентуд може да жали за очајната трета четвртина на гостувањето во Малага против Уникаха, поради која тимот на Ненад Димитријевиќ претрпе пораз од 77-74. Гостите од Бадалона имаа предност од 31-36 на полувреме, но потоа го загубија третиот период со 34-16. Иако одиграа подобро во последните десет минути, кошаркарите на Хувентуд немаа сили за целосен камбек, па на крајот загубија само со три поени разлика. Откако редовно добиваше шанса на последните натпревари, Димитријевиќ денеска целиот меч го проследи од клупата за резерви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА