Кошаркарите на Куманово покажаа фантастичен карактер враќајќи се од негатива од 20 поени, за голема победа над Кожув (108-103) на стартот од Супер-лигата. Актуелниот вицешампион беше дополнително ослабен со неиграњето на Мијатовиќ, кој „притиска“ за преселба во МЗТ Скопје, но дури и без својот најдобар играч од досегшаниот дел од сезоната тимот на Марјан Србиновски одговори на предизвикот и со фантастичен пресврт, по продолжение од пет минути стигна до голема победа.
Кожув одигра беспрекорна прва четвртина, откако по израмнетите 9-9 гостите постигнаа тринаесет поени во низа, стигнувајќи до солидна предност. Тимот од Гевгелија одигра феноменално во нападот во првите десет минути, во кои успеа да постигне дури 37 поени, стигнувајќи до „плус 18“ по слободните фрлања на Караџовски со кои плејмејкерот на Куманово се погрижи разликата да се спушти под дваесет. Кумановци покажаа знаци на живот во вториот период што заврши 22-13 за тимот на Марјан Србиновски, но тоа беше само најава за фуриозната трета четвртина што домаќините ја добија со 29-18. Домаќините пред крајот на третиот период имаа дури и предност од осум поени (67-59), но Американците на Кожув, Мекнил и Хол постигнаа три тројки во серија и во последните десет минути се влезе со минимална предност на Куманово од 70-68.
Живановиќ ја отвори последната четвртина со тројка за домашниот тим, за потоа да следат низа пресврти. Се чинеше дека Кожув се наоѓа на чекор до победа откако дојде до три поени предност, но потоа во самиот финишш Мекнил направи лична грешка (петта за него) што значеше три слободни фрлања за Американецот на Куманово, Браун. Тој ги реализираше трите „пенали“, па мечот беше решен преку дополнителни пет минути (95-95).
На стартот од продолжението петтата лична грешка ја заработи репрезентативецот Јанески, кој дотогаш беше најдобар поединец во таборот на кумановци. Сепак, тоа не се одрази премногу врз играта на вицешампионот, кој беше на висина на задачата во одбраната, си создаде солидна предност и на крајот заслужено триумфираше со конечни 108-103.
Марјан Јанески одигра фантастичен меч и со 29 поени и седум скока беше најзаслужен за победата на Куманово, заедно со Караџовски (21 поен и 7 асистенции) и Пековиќ со 15 поени. Најпрецизни во таборот на Кожув на денешниот натпревар беа Мекнил со 31 и Хол со 23 поени, додека центарот Бојан Крстевски го заврши мечот со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА