Се е подготвено за стартот на Супер-лигата, која официјално ќе почне со денешната пресметка меѓу Куманово и Кожув (19 часот), со која ќе биде означен стартот на битката за влез во плејофот. Како што е веќе добро познато, пласман во Супер-лигата обезбедија најдобрите четири тима од Првата лига (Фени индустри, Работнички, Куманово и Кожув), на кои им се приклучија МЗТ Скопје и Карпош соколи, клубови кои ја пропуштија првата фаза бидејќи настапуваа во две регионални натпреварувања.
Кумановци се актуелни вицешампиони, но со заминувањето на Костоски оваа екипа сезонава не се вбројува меѓу фаворитите за највисок пласман. Првиот тест избраниците на Марјан Србиновски ќе го имаат против Кожув, а неизвесно е дали за домаќините ќе настапи нивниот најдобар кошаркар, Данило Мијатовиќ, кој бара арбитража на договорот за да му биде дозволено да се пресели во МЗТ Скопје. На спротивната страна, со финансиски проблеми се соочува и Кожув, што се одрази врз игрите и резултати на тимот од Гевгелија во последно време, па интересно ќе биде да се види кој од овие два тима ќе го стартува со победа суперлигашкото натпреварување.
Дербито на првото коло, дуелот меѓу Карпош соколи и Работнички, е закажан за среда, а првата рунда од Супер-лигата ќе биде комплетирана в четврток со мечот МЗТ Скопје – Фени индустри бидејќи „металците“ в понеделник го играат својот последен натпревар во АБА, на домашен терен против Морнар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА