Возачот на Ферари, Кими Раиконен постигна најдобар резултат на претсезонските тестови на патеката „Каталуња“ во Барселона и најави дека Ферари ќе атакува на победа на првата трка од новата сезона во Формула 1 што ќе се вози на 26 март во Мелбурн. Финецот беше најбрз возач во двете тест сесии во Барселона со време од 1:18.634 минути, постигнато со супермеката компонента на пневматиците на „Пирели“. Раиконен извозе 111 круга на патеката.
Второ најдобро време постигна Макс Ферстапен, исто така со супермеките гуми, но, на попладневните тестови од вчерашниот последен ден, тој имаше проблеми во турбокомпресорот во болидот на Ред Бул и остана со 71 круг.
Трет резултат имаше Карлос Саинц од Торо Росо, Валтери Ботас од Мерцедес остана на четвртатат позиција со 53 круга, а на петото место заврши неговиот клупски колега, Луис Хамилтон кој не успеа да го подобри времето на Ботас. Хамилтон возеше на ултрасофт компонента и извозе 54 круга.
За разлика од првата сесија, Фернандо Алонсо со Мекларен имаше малку повеќе среќа во вторите претсезонски тестови. Шпанецот направи 43 круга, но не успеа да постигне конкурентно време и заврши на11 позиција со речиси за три секунди послабо време од Раиконен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА