По одигрувањето на регуларниот дел од шампионатот, викендов стартува Супер лигата во домашната кошарка со само еден меч на програмата, утре од 19 часот во Куманово меѓу домашната екипа и составот на Кожув.
Бидејќи екипите на МЗТ Скопје Аеродром и на Карпош Соколи сè уште се натпреваруваат во регионалната АБА лига, своите натпревари ќе ги играат во текот на следната недела. Карпош Соколи ќе го нагости соседскиот ривал Работнички во среда на 15. март, додека МЗТ Скопје Аеродром ќе си ги одмери силите со Фени Индустри на 16. март.
Екипите на Струмица, АВ Охрид, Пелистер и на Вардар го завршија првиот дел од сезоната под линијата која ги води во Супер лигата. Овие четири екипи ќе се борат за опстанок во кошаркарската елита на Македонија во Плеј-аут лигата. Пелистер ќе го нагости АВ Охрид утре (11. март) од 15 часот, додека Струмица и Вардар ќе играат од 18 часот.
По 14 одиграни натпревари во регуларниот дел од сезоната, трикратниот шампион во домашното првенство, Фени Индустри, заврши како првопласиран со 12 победи и само два порази. Една победа помалку има најтрофејниот кошаркарски колектив, Работнички додека третопласиран е ланскиот вицешампион Куманово. Кожув го фати ’последниот воз’ за пласман во вториот дел од сезоната како четвртопласиран на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА