Лидерот во англиската Премиер – лига, тимот на Челси, конечно ја доби долго посакуваната дозвола за изградба на нов стадион, откако власникот на клубот, Роман Абрамовиќ во неколку наврати се обиде прво да го прошири, а потоа да изгради сосема нов дом за неговиот клуб.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, го имаше последниот збор околу дозволата за реновирањето на „Стемфорд Бриџ“.
„Реновирањето ќе донесе само позитивни работи за градот. Дизајнот на стадионот е од врвен квалитет и сигурен сум дека новиот изглед ќе му даде посебно значење и на градот и на клубот. „Стемфорд Бриџ“ ќе биде последниот скапоцен камен во низата спектакуларни спортски арени во метрополата“ – изјави градоначалникот Кан.
Градскиот совет ги одобри плановите за демолирање на стадионот уште во почетокот на 2017 година.
Новата градба е дизајнирана од архитектите Херзог и де Мурон, кои може да се пофалат како едни од најдобрите во дизајнирање спортски арени, со оглед на тоа дека „Алијанц арена“ и „Птичјото гнездо“ се нивни дела.
Клубот за оваа инвестиција ќе одвои огромни 500 милиони фунти, додека капацитетот ќе биде зголемен за 20 илјади седишта, односно ќе собере 60 илјади фанови на „сините“.
Стадионот според планот треба да биде готов и подготвен за употреба за сезоната 2021/2022.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА