По блескавите месеци без пораз, вардарки влегоа во лоша серија. На лошиот ден против Будуќност, додадоа уште еден катастрофален во Мец и на едно коло пред крај на главната фаза во Лигата на шампионите, ја загубија лидерската позиција во групата. Ракометарките на Вардар доживеаја дебакл и пораз од Мец со 42-28 и по француската лекција паднаа на втората позиција. За „црвено-црните“ ова е втор пораз сезонава и големо предупредување пред елиминаторната четвртфинална фаза во ЛШ.
На првото место во групата сега е унгарскиот ФТЦ кој одигра нерешено со Турингер (29-29) и сега Унгарките имаат 19 бода, а Вардар по вториот пораз во серија падна на второто место со 18 бода.
Вардарки стартуваа сигурно и по првите десет минути стигнаа на три гола предност поведувајќи со 4-7, а малку потоа и на 5-8 со погодокот од контра на Сара Ристовска. Но Тренерот на Мец, Емануел Мајонад, во вистински момент за домашниот тим реагираше со тајмаут и успеа да го прекине ритамот на Вардар. Советите од клупата донесоа серија на домашниот тим од 5-0 и водство на Мец од 10-8 на средината од првиот дел. Од почетната супериорност „црвено-црните“ паднаа во подредена положба, бркаа резултат, но во овие моменти успеваа да стигнат само до еден негатива. Мец доби на самодоверба и лесно се справуваше со одбраната на Вардар, а вардарки на спротивната страна влегуваа од грешка во грешка. На секоја загубена топка на „црвено-црните“, францускиот тим одговараше со погодок и на пет минути пред крај на полуремето веќе имаа највисоки +4 (17-13).
Давид Дејвис се обиде со ротација на речиси целата постава да го врати Вардар во игра, но грешките и промашувањата продолжија, а Мец тоа го ефектуира со предност од 19-16 по првите 30 минути.
Ништо ново не донесе ни стартот на второто полувреме. Агонијата на вардарки продолжи и во првите минути од вториот дел, а Мец брзо дојде до највисоко водство од 21-16. Јованка Радичевиќ успеа да ја намали негативата, но на спротивната страна Ана Грос одново го врати Мец на +5. Вардарки се обидуваа со длабока зона да ги сопрат расположените домашни ракометарки, но за разлика од другите настапи сезонава, делуваа непрепознатливо немоќно. Ракометарките на Мец лесно поминуваа и ао атрактивни голови ја зголемуваа предноста. Во 42. минута веќе го удвоија водството поведувајќи со 27-19, а на стартот на последната четвртина стигнаа и на +9 (29-20). Константната игра на францускиот тим на 12 минути пред крај прв пат им донесе и двоцифрена предност (33-23).
Немоќна беше одбраната на Вардар, а немоќни беа и голманките на „црвено-црните“ кои во вториот дел имаа само една одбрана, од сите три ја забележа Амандин Лејно дури во 56 минута од натпреварот. Тоа само дополнително им ја олесни работата на ракометарките на Мец кои грабеа напред и константно ја зголемуваа предноста. Малку кој можеше да поверува дека доскоро непобедливиот Вардар на пет минути пред крај во Мец ќе губи со 13 гола разлика (39-26). Точка на катастрофата на Вардар стави Ксенија Смитс со својот осми погодок за конечните +14 (42-28).
Андреа Пенезиќ со 10 гола беше единствената светла точка во најлошото издание на Вардар сезонава. Во големиот триумф на Мец во главна улога беше Ана Грос со 12 погодоци.
Во последното коло од оваа фаза во ЛШ, Вардар на 11 март во Скопје го пречекува Турингер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА