Вардарки пред француски предизвик: На гости кај Мец, за да останат напред со „кец“

Ракометарките на Вардар денеска (15 ч.) му гостуваат на францускиот Мец во претпоследниот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите. По минатонеделниот пораз од Будуќност, за вардарки е исклучително важно да се вратат во победнички ритам и со победа на гостувањето во Франција, да ја зачуваат лидерската позиција во групата пред елиминаторната четвртфинална фаза во ЛШ. Со свои сметки во овој дуел влегува и екипата на Мец која се бори да остане во првите четири екипи во групата што ќе продолжат во четвртфиналето на ЛШ.

На првиот натпревар во Скопје, Вардар славеше победа до 23-21, но Мец им зададе многу проблеми на „црвено-црните“, кои, како што велат, сега се апсолвирани и решени. Иако мотивацијата кај „црвено-црните“ е на највисоко ниво, тренерот на Вардар, Давид Дејвис, сепак, предупредува дека денеска во Франција ги чека исклучително тешко гостување.

Ние сме први и досега изгубивме само еден натпревар. Во Лигата на шампионите сите натпревари се тешки и понекогаш играме подобро, а некогаш не. Но тоа е така. Против Мец на домашен терен имавме многу тежок натпревар, не бевме добро подготвени за нивната одбрана 3-2-1, но сега го исправивме тоа. Имаме голема желба за победа. Мислам дека на овој натпревар притисокот ќе биде кај Мец. Во Скопје одиграа добро, но сега играат дома и од нив се очекува победа. Се разбира, ние сакаме победа исто така, затоа што со оваа победа имаме шанса да останеме први во групата. Добро трениравме, концентриурани сме и подготвени  за натпреварот со Мец. Ќе биде тешко, тоа е сигурно“ – вели тренерот на Вардар, Давид Дејвис.

На едно коло пред крај на главната фаза, вардарки се првопласирани во групата А со 13 бода исто колку што има и ФТЦ на второто место, но вардарки имаат подобра гол разлика и подобар скор во меѓусебните дуели. Зад нив се Будќност со 10, Мец со 6, Турингер со 4 и Астраханочка со 2 бода. Првите четири екипи во групата А заедно со четирите најдобри екипи од групата Б го продолжуваат настапот во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Се вчитува...